Старонордиски јазик — северногермански јазик што го говореле жителите на Скандинавија и колонизираните викиншки територии сè до околу 1300 г.
Кон VIII век, пранордискиот јазик се развил во старонордиски, а пак овој почнал да се развива во денешните северногермански јазици кон средината до крајот на XIV век. Во пишан облик, старонордискиот се задржал подлабоко во XV век.
Јазикот се делел на три наречја: источно, западно и гутниско. Западното и источното образувале дијалектен континуум, без остри географски граници помеѓу нив и со значајни мешања на говорите на разни територии.
Исландскиот „Сивогускин законик“ (Grágás) од XII век вели дека Швеѓаните, Норвежаните, Исланѓаните и Данците говорат еден ист „дански јазик“ (dǫnsk tunga). Западното наречје се нарекувало „нордиски говор“ (norrœnt mál). Од овој јазик се произлезени денешните северногермански јазици (исландскиот, фарскиот, норвешкиот, данскиот и шведскиот), кои се одликуваат со голема мера на заеморазбирливост.
Современите јазици произлезени од старонордискиот се западноскандинавските јазици (исландскиот, фарскиот, норвешкиот и мртвиот јазик норн од Оркниските и Шетландските Острови; од источното наречје произлегле источноскандинавските јазици (данскиот и шведскиот). Норвешкиот е произлезен од западното наречје, но со текот на вековите претрпел големи измени под влијание на источното наречје, особено за време на сојузот Данска–Норвешка.
Од сите нив, во последните илјада години најмалку измени претрпеле исландскиот и фарскиот. Вон сопственото јазично подрачје, старонордискиот извршил влијание и врз англиските дијалекти и низинскиот шкотски, кој содржи многу заемки од старонордискиот. Старонордиски влијанија се среќаваат и во нормандскиот јазик. Исланѓаните можат да читаат и разбираат старонордиски, но изговорот е исто толку изменет како кај другите северногермански јазици. (Дознајте повеќе...)